Шефот за хуманитарна помош на Обединетите нации, Мартин Грифитс, го осуди израелскиот воздушен напад врз кампот за раселени лица во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, велејќи дека не може да се продолжи со таква неказнивост.
„Уште едни мрачни новости од Газа. Во израелскиот воздушен напад врз Рафа синоќа загинаа десетици луѓе, а многу жени и деца изгореа живи“, напиша Грифитс на социјалната мрежа X.
Тој предупреди на тешкотиите и опструкциите што сѐ уште постојат во испораката на помош за Газа.
„Сè уште не сме во можност да ја земеме стоката од Керем Шалом во потребниот обем поради пречки и активни борби“, изјави Грифитс.
Грифитс повика на итна акција за заштита на цивилите и нивната безбедност во Појасот Газа.
„Не може да се продолжи со таква неказнивост. Заштитете ги цивилите. Дозволете им да најдат сигурност. Да добијат помош“, рече тој.
Убиени се најмалку 45 лица, претежно жени и деца, а околу 250 се ранети во израелскиот напад во неделата врз кампот за раселени лица во Рафа.
Во неделата беше извршен напад во близина на логистичката база на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) во Тал ал Султан.
Нападот предизвика остра осуда од целиот свет во време на сѐ погласни обвинувања дека Израел им пркоси на повиците да ја прекине својата смртоносна офанзива на Појасот Газа.