Во Грузија продолжуваат протестите против прекинот на преговорите за пристапување во Европската унија (ЕУ) до 2028 година.
Демонстрантите кои ја критикуваа одлуката на премиерот Иракли Кобахидзе да ги прекине преговорите за пристап во ЕУ на четири години, продолжија со протестите во средата.
Илјадници демонстранти синоќа повторно се собраа пред парламентот, извикувајќи антивладини слогани и носејќи знамиња на ЕУ и Грузија.
Демонстрантите ја затворија улицата Шота Руставели пред зградата на Собранието за сообраќај.
Грузиската полиција во средата изврши рација во канцелариите на опозициска партија и го уапси нејзиниот лидер во обид да го задуши бранот масовни протести.
Опозициската партија Коалиција за промени објави дека полицијата упаднала во нејзините канцеларии и го привела нејзиниот лидер Ника Гварамија.
Грузиските медиуми објавија дека полицијата извршила рација и во канцелариите на неколку други опозициски групи и невладини организации.
Теимураз Купатадзе, директор на Одделот за Централна криминалистичка полиција на Министерството за внатрешни работи, рече дека при вчерашните претреси привеле седум лица обвинети за организирање насилство на демонстрации.
Купатадзе изјави дека при претресот на партиските канцеларии биле одземени заштитни шлемови, пиротехнички средства, молотови коктели, бои и електрична опрема.
Американскиот Стејт департмент објави дека стратешките односи со Грузија се суспендирани.
Новата висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, ја објави својата поддршка за демонстрантите кои ја критикуваа одлуката на грузискиот премиер Кобахидзе да ги прекине преговорите.
Џереми Лоренс, портпарол на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации, ги повика властите „да го почитуваат правото на мирно собирање“ откако полицијата постојано употребуваше солзавец за време на демонстрациите во Грузија.
Балтичките земји најавија и дека ќе воведат забрана за влез на некои високи претставници на грузиската влада.
Тензиите ескалираа по усвојувањето на контроверзниот закон за „Транспарентност на странско влијание“, за кој критичарите тврдат дека ги ограничува политичките слободи.
Најавата на владата дека ги прекинува преговорите за пристап во ЕУ дојде неколку часа откако Европскиот парламент усвои резолуција во која се критикуваат парламентарните избори од минатиот месец, кое тие ги опишаа како „ниту слободни, ниту фер“.
ЕУ ѝ додели на Грузија кандидатски статус во декември 2023 година, под услов таа да ги исполни препораките на блокот, но го стави пристапот во мирување и ја намали финансиската поддршка на почетокот од оваа година по усвојувањето на законот за „странско влијание“ кој се смета за удар врз демократските слободи.
Претставниците на ЕУ повикаа на повторување на парламентарните избори во рок од една година под темелен меѓународен надзор и од независна изборна администрација. Тие, исто така, ја повикаа ЕУ да воведе санкции и да ги ограничи формалните контакти со Владата на Грузија.
Кобахидзе, исто така, рече дека Грузија ќе ги одбие сите буџетски грантови на ЕУ до крајот на 2028 година.