Иран мора да го направи првиот чекор кон подобрување на односите со земјите во регионот и со САД, ставајќи јасно до знаење дека нема за цел да развие нуклеарно оружје, изјави денеска генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
Зборувајќи за ситуацијата на Блискиот Исток на Светскиот економски форум во Давос, тој рече дека се надева дека Иран ќе се ангажира конструктивно со другите земји во регионот.
Во врска со Појасот Газа, Гутереш рече дека се надева оти конфликтните страни ќе разберат дека ќе имаат корист од траен прекин на огнот што може да го отвори патот за преговори за решение со две држави.
Гутереш, исто така, ја повика меѓународната заедница да ги ублажи санкциите кон Сирија.
Претходно, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси денеска изјави дека Иран моментално има околу 200 килограми ураниум збогатен до 60 отсто чистота.
Гроси им рече на новинарите на економскиот форум во Давос дека ова е блиску до 90 отсто чистота што е потребна за производство на нуклеарно оружје.
Според стандардите на МААЕ, оваа количина на ураниум би била доволна за да се направат пет нуклеарни бомби.
Гроси, исто така, нагласи дека неодамнешното забрзување на процесот на збогатување ураниум до ниво од 60 отсто му овозможи на Иран да ја зголеми стапката на производство седум пати во споредба со претходниот период.