Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш изјави дека илјадници деца се убиени во Појасот Газа, што покажува оти нешто очигледно не е во ред во начинот на извршување на воените операции.
„Секоја година, најголем број на убиства на деца од кој било од актерите во сите конфликти на кои сме сведоци се во стотици. Во Газа, за неколку дена, имаме илјадници убиени деца“, рече Гутереш во интервју за „Ројтерс Некст“ во Њујорк.
Гутереш ја истакна потребата од хуманитарен прекин на огнот, како и овозможување ослободување на заложниците, како и масовно влегување на помош во Појасот Газа.
„Неопходно е да се направи разлика меѓу Хамас и Палестинците. Ако не ја направиме таа разлика, мислам дека човештвото го губи своето значење“, рече Гутереш.
Опишувајќи ја ситуацијата во Газа како ужасна и катастрофална, шефот на ОН истакна дека влезот на гориво во палестинската енклава сè уште не е одобрен, дека водата е достапна во многу ограничени количини и дека има недостиг на лекови во болниците.
„Од суштинско значење е да се почитуваат правилата на војната. Една од работите што јасно му ги кажуваме на Израел е дека е многу важно меѓународните закони целосно да се почитуваат“, заклучи Гутереш.