Еркан е првата жена помлада од 40 години која ја носи титулата претседател или извршен директор во една од 100-те најголеми американски банки

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја избра искусната банкарка Хафизе Гаје Еркан за наследник на Сахап Кавчиоглу на функцијата гувернер на Централната банка на Туркије, објави Службениот весник на земјата.

41-годишната Еркан дипломирала индустриски инженеринг на истанбулскиот универзитет Богазичи, како првенка на генерацијата и докторирала оперативно истражување и финансиски инженеринг на Универзитетот Принстон.

Еркан, исто така, завршила две програми за обука за науки за управување на бизнис школата на Харвард и лидерство на Универзитетот Стенфорд.

Со голем број врвни позиции во големите компании, таа меѓу другото беше ко-извршен директор на банката Прва Република (First Republic) со седиште во САД и член на одборот на директори во Марш Мекланан, компанија за услуги во областите на ризик, стратегија и осигурување, извршен директор на инвестициската банка Голдман Сакс и член на одборот на фирмата за накит Тифани (Tiffany & Co.)

Еркан, првата жена помлада од 40 години која ја носи титулата претседател или извршен директор во една од 100-те најголеми американски банки, се најде на листата „40 под 40“ и на Сан Франциско Бизнис Тајмс (San Francisco Business Times) и на Њујорк Бизнис (New York Business).

Во 2019 година, Еркан беше вклученa во листата на Крејн „Забележителни жени во банкарството и финансиите“.

Еркан може да се пофали со експертиза во банкарството, инвестициите, управувањето со ризик, технологијата и дигиталните иновации, а исто така е дел и од Советодавниот совет на Одделот за оперативно истражување и финансиско инженерство на Универзитетот Принстон.

Откако Кавчиоглу беше именуван на чело на Централната банка во март 2021 година, одборот за монетарна политика на банката постепено ја намали нејзината каматна стапка од 19 отсто на 8,5 отсто.

Минатата недела Ердоган исто така објави дека Мехмет Шимшек ќе го наследи Нуредин Небати на функцијата министер за трезор и финансии.

На церемонијата на предавање, Шимшек рече: „Туркије нема друг избор освен да се врати на рационална основа. Нашата главна политика ќе биде поддршка на нашата Централна банка во борбата против инфлацијата преку фискалната политика и структурните реформи што треба да се спроведат”.

TRT World
Популарни