Хамас предупреди на масакри за време на нападот на израелската Армија врз болницата Шифа во Газа и ги смета Израел, Соединетите Американски Држави и меѓународната заедница одговорни за безбедноста на медицинскиот персонал, ранетите и илјадниците раселени Палестинци засолнети во болницата.
Хамас објави соопштение во врска со нападот на израелската Армија врз болницата Ал Шифа, за која Израел тврди дека е центар на палестинскиот вооружен отпор.
„Ние ги сметаме Израел, американскиот претседател Џо Бајден и неговата администрација и меѓународната заедница за целосно одговорни за последиците од нападот на окупаторската армија врз болницата Ал Шифа и траумата што ја претрпе медицинскиот персонал и илјадниците раселени луѓе“, соопштија од Хамас, додавајќи:
„Молкот на Обединетите нации и неуспехот на многу земји и режими нема да го одвратат нашиот палестински народ да ја бара својата земја и легитимните национални права. Ние ќе продолжиме да му ветуваме на нашиот народ дека ќе продолжиме да ги браниме нив и нивните права со сите наши сили. Окупацијата ќе плати висока цена за нејзините злосторства и напади врз нашите деца, жени и светилишта.“
Израелската Армија утринава упадна во болницата Шифа, најголемата здравствена установа во регионот во која се сместени илјадници пациенти и раселени цивили во Газа.
Генералниот директор на болниците во Газа, Мухамед Закут, рече: „За време на нападот на израелската Армија врз болницата Шифа, ниту еден куршум не беше испукан во болницата.“