Палестинската група на отпорот Хамас денес соопшти дека договорот за прекин на огнот во Газа и за размена на затвореници е одложен поради новите израелски услови, јавува Анадолу.
Хамас сооопшти дека покажале флексибилност и одговорност за време на преговорите за прекин на огнот и размена на затвореници во Доха со посредство на Катар и Египет.
„Израелската окупација постави нови прашања и услови поврзани со повлекувањето, прекинот на огнот, затворениците и враќањето на раселените, а тоа го одложи постигнувањето договор што беше изводливо“, се додава во соопштението.
Од израелската Влада нема коментар во однос на изјавата на Хамас.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот рече дека израелскиот преговарачки тим ќе се врати од Катар на консултации за потенцијален договор за размена на затвореници со Хамас.
Набљудувачите, сепак, сметаат дека најавата на Нетанјаху е дел од моделот на одложување на преговорите.
Од единствениот досега прекин на огнот кон крајот на ноември 2023 година израелскиот премиер навести напредок во разговорите за размена на затвореници и потенцијален прекин на огнот, а подоцна инсистираше на продолжување на воените операции во Појасот Газа.
Се верува дека Израел држи повеќе од 10.300 палестински затвореници, а околу 100 израелски заробеници се во Газа. Хамас соопшти дека десетици заробеници биле убиени во неселективните израелски воздушни напади.
„Јазот помеѓу Израел и Хамас не е значаен и овозможува да се постигне разбирање“, објави во вторникот израелскиот дневен весник „Једиот Ахронот“.
Израел започна геноцидна војна во Газа по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, при што се убиени повеќе од 45.400 Палестинци, главно жени и деца.
Меѓународниот кривичен суд минатиот месец издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата војна против Газа.