Хамас во неделата, на првиот ден од прекинот на огнот, ослободи три израелски заложнички во размена за 90 палестински затвореници / Photo: AA

Вооруженото крило на палестинската група Хамас, Бригадите Ал-Касам во петокот ги објави имињата на четирите израелски жени-војници кои ќе бидат ослободени во сабота како дел од договорот за размена на затвореници меѓу Израел и Хамас.

„Ќе ослободиме четири жени, припаднички на израелската армија, во сабота на 25 јануари 2025 година“, рече Абу Обаида, портпарол на Бригадите Ал-Касам во кусото соопштение.

Тој изјави дека ослободени ќе бидат Карина Ариев, Даниеле Гилбоа, Наама Леви и Лири Албаг.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потврди дека Израел од посредниците добил список на затвореници кои Хамас ќе ги ослободи во сабота.

Во неделата, на првиот ден од прекинот на огнот, Израел ослободи 90 палестински затвореници, додека Хамас ослободи тројца израелски затвореници како што беше договорено.

Првата фаза од шестнеделниот прекин на огнот во Газа стапи на сила на 19 јануари, со што беше запрена израелската геноцидна војна во која загинаа речиси 47.300 Палестинци, главно жени и деца, а беа ранети речиси 111.500 од 7 октомври 2023 година.

Договорот во три фази вклучува размена на заробеници и одржување на смиреноста со цел да се постигне траен прекин на огнот и повлекување на израелските сили од Појасот Газа.

Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант во ноември минатата година за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел, исто така, се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната во областа.

TRT Balkan / агенции
Популарни