Палестинската група на отпорот Хамас во петокот рече дека Израел „нема да може да ги постигне своите цели од оваа војна“, мислејќи на конфликтот во Појасот Газа.
„Она што Израел не го постигна за 50 дена пред паузата, нема да го постигне со продолжување на својата агресија“, рече во изјавата Изат ал Ришк, претставник на Политичкото биро на Хамас.
„Со одлучноста на нашиот народ и херојството на нашиот отпор, ние се спротивставуваме на злосторствата на непријателот, продолжувањето на нацистичката агресија и нејзиното таргетирање на цивили“, рече лидерот на Хамас.
Тој исто така нагласи дека отпорот против израелските напади ќе продолжи.
Паузата меѓу Израел и Хамас, која стапи на сила на 24 ноември, заврши во петокот наутро.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пак, во петокот објави дека ги продолжиле нападите во блокираниот Појас Газа, тврдејќи дека Хамас лансирал ракети кон Израел и не ги исполнил обврските од договорот за хуманитарна пауза.
„Ќе ја продолжиме оваа војна додека не ги постигнеме трите цели: ослободување на сите наши заложници, целосно елиминирање на Хамас и обезбедување дека никогаш повеќе нема да дојде таква закана од Газа“, изјави Нетанјаху.
Според првичните информации, само по неколку часа од завршувањето на хуманитарната пауза убиени се десетина Палестинци во израелското бомбардирање на Газа.