Сами Абу Зухри, еден од претставниците на Хамас, изјави дека израелската војска окупирала повеќе од половина од градот Рафах, во јужниот дел на Појасот Газа, каде што се засолнети скоро 1,5 милиони раселени Палестинци.
Абу Зухри за Анадолу говореше за израелскиот копнен напад врз Рафах, преговорите за прекин на огнот и размена на заробеници во Газа, како и за привременото пристаниште изградено од Соединетите Американски Држави во Појасот Газа.
Истакнувајќи дека Израел не успеал да го преземе Појасот Газа и палестинските групи, Абу Зухри наведе дека израелската војска, поради неуспехот во подрачјата, за кои претходно тврдеше дека извршила успешни операции, повторно започнала копнени напади.
Напоменувајќи дека палестинските групи во Газа имаат моќ за отпор, Абу Зухри рече:
„Окупаторот доживува неуспех по неуспех, па ги повторува своите претходни обиди. Затоа, окупаторот мора да признае дека нема да биде успешен во сузбивањето на палестинскиот отпор или спасувањето на своите заробеници во Газа.“
Истакнувајќи дека Израел може да ги спаси заробениците во Појасот Газа доколку ги прифати условите на палестинските групи, Абу Зухри наведе дека „израелската војска не може да постигне резултати со војната што продолжува во Газа“.
Рече дека палестинските групи не ја изгубиле својата моќ и дека Израел на ниеден начин не може да ги наметне своите услови.
Тој се осврна и на ситуацијата во Рафах.
„Окупаторот влезе во градот Рафах и го зазеде повеќе од половина. Имаше голем бегалски бран, а сега во градот остана само една четвртина од населението. Окупаторскиот непријател го окупира и граничниот премин Рафах помеѓу Појасот Газа и Египет. Пружен е силен отпор кон тоа, што предизвика жртви во редовите на окупаторот“, рече Абу Зухри.
Истакнувајќи дека израелскиот окупатор спречил хуманитарната помош да влезе во Појасот Газа преку граничниот премин Рафах, Абу Зухри наведе дека со повторното отворање на преминот, помошта за палестинскиот народ во Газа би требало да се доставува како и досега.
Што се однесува на индиректните преговори за прекин на огнот и размена на заробеници во Газа, Абу Зухри додаде:
„Преговорите меѓу Хамас и Израел, со посредство на Египет и Катар, дојдоа во ќор-сокак поради ставот на Израел. Хамас ја прифати понудата на посредниците. Американската администрација исто така однапред го виде предлогот. Окупаторот не ја прифати оваа понуда и затоа не беше можно да се постигне никаков договор.“
Абу Зухри тврди дека Хамас е доволно силен да одговори на нападите и убивањето на Израел.
На крајот тој додаде дека привременото пристаниште во Газа, кое го изградија Соединетите Американски Држави, не може да биде алтернатива за затворените копнени премини.