Хамас инсистира на прекин на израелската офанзива и целосно израелско повлекување од опустошената територија / Photo: AA

Не е постигнат напредок во новата рунда преговори за прекин на огнот во Газа, на кои присуствуваа делегации од Израел, Катар и Соединетите Американски Држави, изјави за Ројтерс неименуван претставник на Хамас.

„Нема промена во позицијата на израелските окупатори и затоа нема ништо ново во преговорите во Каиро. Сѐ уште нема напредок“, рече тој по средбата во Каиро.

Претходно денеска, египетскиот државен канал Ал Кахера њуз цитираше висок египетски извор дека е постигнат напредок во разговорите.

Израел и Хамас испратија тимови во Египет во неделата по пристигнувањето на директорот на ЦИА, Вилијам Барнс во саботата, чие присуство навести притисок од САД за договор за ослободување на заложниците во Газа и олеснување на хуманитарната криза.

Израел и Хамас, кои од октомври војуваат во Појасот Газа, досега не успеаја да ги решат разликите околу нивните главни барања.

Хамас бара прекин на израелската офанзива и целосно израелско повлекување од опустошената територија, додека Израел сака договор за ослободување заложници од Газа во замена за одреден број Палестинци во неговите затвори без да се обврзе да ја прекине војната.

Во неделата Хамас ги повтори своите барања, кои вклучуваат траен прекин на огнот, повлекување на израелските трупи од Газа, враќање на раселените Палестинци и размена на палестински затвореници за израелски заложници.

„Хамас ја потврдува својата решеност, заедно со сите палестински сили и фракции, за постигнување на нашите национални цели и за воспоставување наша палестинска држава со целосен суверенитет, со главен град Кудс (Ерусалим), право на враќање и самоопределување“, се додава во неделното соопштение на групата.

Војната меѓу Израел и Хамас избувна на 7 октомври, кога палестинската милитантна група го нападна јужниот дел на Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе и киднапирајќи повеќе од 250.

Повеќе од 33.100 Палестинци беа убиени во војната, за време на израелската офанзива на Појасот Газа, според Министерството за здравство во Газа, кое го води Хамас.

TRT Balkan / агенции
Популарни