Иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи денеска изјави дека Газа го фрли Израел „на колена“, мислејќи на неодамнешниот прекин на огнот меѓу Хамас и Израел, кој стапи на сила на 19 јануари.
„Оваа мала и ограничена област можеше да го фрли на колена силно вооружениот ционистички режим, кој се потпира на целосната поддршка на САД...Во тековниот период, текот на отпорот што започна со победата на Исламската револуција е манифестација на мисија која успеа да ги „разбуди муслиманските, па дури и немуслиманските народи користејќи разум и вера, а ционистичкиот режим кој паѓа на колена пред Газа и Либан е резултат на тој отпор“, изјавил лидерот за време на состанокот со официјални лица во Техеран, според иранската новинска агенција Мехр.
Хамнеи нагласи дека е неопходно рационално гледање на денешните настани во светот, вклучувајќи го и колонијалниот пристап кон ограбувањето на човечките општества, кој, како што наведе, се одвива во три фази: „ограбување на природните ресурси, културно ограбување и уништување на автентичните култури“.
Тој посочи дека американската влада е „на врвот на арогантните и колонијалистичките сили“ и укажа на неопходноста од „внимателност во глобалните конфронтации“.
„Мораме да бидеме внимателни со кого работиме и со кого разговараме. Треба да знаеме дека зад насмевката на дипломатијата се кријат тајни и внатрешни злонамерни непријателства и замерки“, додаде иранскиот врховен лидер.