Камала Харис, актуелна потпретседателка од демократите, и Доналд Трамп, поранешен претседател од републиканците, ги одржаа последните митинзи во американската сојузна држава Пенсилванија, завршувајќи ги своите претседателски кампањи за изборите во САД 2024 година.
Харис им вети на гласачите дека ќе ја сврти страницата од жестокото партиско ривалство меѓу демократите и републиканците и ќе се фокусира на важни прашања, како што се правата на абортус, репродуктивна слобода и борбата за внесување учтивост и пристојност во Овалната соба.
Без да го спомене Трамп по име, потпретседателката рече дека не би се занимавала со „список на непријатели“, вообичаена референција што Трамп ја користи како класификација на луѓето за кои вели дека му згрешиле.
Наместо тоа, Харис рече дека „секој ден ќе го помине работејќи на својата листа на задачи што треба да ги изврши“.
„Пенсилванија, ме познаваш - не се плашам од тешки борби“, изјави Харис пред граѓаните во градот Алентаун.
„Тоа е мое ветување за вас, ако ми дадете шанса да се борам во ваше име како претседател, нема ништо на светот што ќе ми застане на патот“, додаде таа.
Додека Харис ја водеше кампањата во Алентаун, Трамп имаше митинг во Рединг на само 80 километри оддалеченост.
Поранешниот претседател пред граѓаните рече дека тој е единствена личност што може да ја спаси Америка од „апокалиптичната“ иднина предводена од влада што е надвор од контрола и „инвазија“ на криминални имигранти.
„Во текот на изминатите девет години ние се бориме против најзлобните и најкорумпираните сили на Земјата“, рече Трамп.
„Со вашиот глас на овие избори може еднаш засекогаш да им покажете дека овој народ не им припаѓа.“
Харис и Трамп, исто така, одржаа митинзи во двата најголеми града во Пенсилванија, Филаделфија и Питсбург, што не е случајно бидејќи државата носи повеќе електорски гласови - 19 за победникот - од другите шест клучни сојузни држави Аризона (11), Џорџија (16), Мичиген (15), Невада (6), Северна Каролина (16) и Висконсин (10).
На Трамп или Харис им требаат 270 од вкупно 538 електорски гласови за да станат следниот претседател на САД.