Хезболах наведува дека нападите се одговор на синоќешниот израелски напад врз јужен Либан во кој беа убиени високиот командант Талеб Абдулах и уште тројца оперативци / Photo: AA

Либанската милитантна група Хезболах ја презеде одговорноста за ракетните напади утринава врз северен Израел и тврди дека гаѓала неколку израелски воени локации, вклучително и базата за контрола на воздушниот сообраќај Мерон и кампот Амиад, лоциран на околу 20 километри од границата со Либан, како фабриката на производителот на оклопни возила Пласан во кибуцот Саса.

Хезболах наведува дека нападите се одговор на синоќешниот израелски напад врз јужен Либан во кој беа убиени високиот командант Талеб Абдулах и уште тројца оперативци.

Абдула се смета за највисокиот командант на Хезболах убиен во акција од Израел.

Израелските одбранбени сили (ИД) соопштија дека Хезболах во два напади утринава од Либан истрелал вкупно околу 160 ракети кон северен Израел, а во тие напади нема повредени, а причинета е материјална штета.

ИД наведува дека во првиот напад Хезболах лансирал 90 ракети, а во вториот најмалку 70 во областа Маунт Мерон на северот на Израел, објави Тајмс оф Израел.

На видеото објавено на социјалните мрежи се гледа како израелскиот систем за противвоздушна одбрана „Железна купола“ пресретнал неколку ракети, додека неколку ја погодиле областа Мерона.

ИД соопшти дека погодиле ракетен фрлач на Хезболах во селото Јарун во јужен Либан, кој бил користен при нападот со 90 ракети врз северен Израел.

Во вториот бараж од 70 ракети, повеќето од нив погодија отворени области, додека некои предизвикаа штета на повеќе локации.

Неколку ракети биле пресретнати и од воздушната одбрана, според ИД.

Околу 300 борци на Хезболах, вклучувајќи команданти и оперативци со клучни одговорности, се убиени во израелските напади врз Либан од октомври, кога започна војната во Појасот Газа.

TRT Balkan / агенции
Популарни