Битката е долга, опциите се отворени и ќе се соочиме со каква било израелска копнена инвазија на Либан“, рече Касем / Photo: Reuters

Заменик генералниот секретар на Хезболах, Наим Касем, во понеделникот изјави дека групата ќе избере нов лидер што е можно поскоро.

„Ќе го избереме генералниот секретар што е можно поскоро во согласност со структурата на партијата“, рече Касем во телевизискиот говор и додаде:

„Изборот ќе биде лесен“.

Генералниот секретар на Хезболах, Хасан Насралах беше убиен во петокот во израелски воздушен напад на јужното предградие на Бејрут.

„И покрај загубата на некои лидери и нападите врз цивилите, ние ќе продолжиме да се спротивставуваме на израелскиот непријател во поддршка на Палестина и одбраната на Либан“, нагласи Касем.

Тој додаде дека спроведуваат алтернативни планови кои Насрала ги поставил пред да биде убиен.

Касем ги негираше израелските тврдења дека 20 лидери на Хезболах биле убиени во напад чија цел била Насралах.

„Спротивно на она што го тврдеше Израел, немаше средба на 20 партиски лидери во времето на убиството на Насрала во јужните предградија“, рече Касем.

Тој додаде дека во моментот на нападот биле присутни само командантот на Хезболах Али Караки, шефот на телохранителите на Насрала, Ибрахим Јазини, помошникот Самир Харб и командантот на Револуционерната гарда Абас Нилфорушан.

Касем ги обвини Соединетите Американски Држави дека му даваат неограничена воена поддршка на Израел.

„Битката е долга, опциите се отворени и ќе се соочиме со каква било израелска копнена инвазија на Либан“, рече Касем.

Од 23 септември, Израел започна масовни воздушни напади врз, како што рече, „мети на Хезболах низ Либан“, при што загинаа повеќе од 900 луѓе, а беа повредени повеќе од 2.700, според либанското Министерство за здравство.

Прекуграничната војна меѓу либанската група Хезболах и Израел започна по израелската офанзива во Појасот Газа, во која од октомври минатата година беа убиени речиси 41.600 луѓе, главно жени и деца.

Меѓународната заедница предупреди дека израелските напади врз Либан би можеле да прераснат во поширока регионална војна.


AA
Популарни