Холандските муслимани изразија шокираност по изборната победа на екстремниот десничар Герт Вилдерс, кој претходно повика на забрана на џамиите и Куранот во Холандија.
Вилдерс и неговата Партија на слободата (ПВВ) ги надминаа сите предвидувања во средата навечер, освојувајќи 37 места од вкупно 150 во холандскиот парламент, многу провеќе од коалицијата Лабуристи/Зелени и Конзервативците на премиерот во заминување Марк Руте.
„Овие изборни резултати се шокантни за холандските муслимани. Не очекувавме партија со програма што е против основните принципи на владеењето на правото да биде толку голема“, рече Мухсин Кокташ од Муслиманската организација CMO во четвртокот.
Муслиманите сочинуваат околу 5 отсто од холандското население од речиси 18 милиони луѓе.
„Тоа беше удар што треба да го издржам“, изјави за Ројтерс Абесамад Тахери, 45-годишен општествен работник во мултиетничката населба Шилдерсвијк во Хаг.
Мехди Коч, 41-годишен монтер на изолација, рече дека е шокиран од замавот на ПВВ, додека Тахери смета оти гласањето испратило различни пораки до муслиманите, иако преовладувало разочарувањето.
„Делумно пораката е дека многу луѓе се ксенофобични и не сакаат странци или муслимани. Но другата порака е дека луѓето се многу разочарани од 13 години владеење на Руте“, рече тој.
Сепак, Тахери, кој е член на Лабуристичката партија, рече дека не може навистина да го одвои тоа од сите „гадни работи“ што Вилдерс ги кажа за забраната за носење шамии и затворање џамии.
По неговата неочекувана победа, Вилдерс рече дека сака да биде премиер на сите Холанѓани, но се чини дека тоа не помага малку да ја смири загриженоста за тоа што би можел да направи подоцна.
Некои во Холандија мислат дека холандскиот систем на коалициска влада значи дека Вилдерс ќе мора да направи компромис за неговите најрадикални ставови, како што предвидуваат и политичките аналитичари.
„Тој нема да ги донесува законите сам, другите партии ќе се приклучат и тие мора да соработуваат“, рече Кемал Јилдиз (54).
„Ќе биде добро“, додаде Јилдиз.