Израелските власти предизвикаа принудно раселување на палестинскиот народ во Газа во размери што претставуваат воени злосторства и злосторства против човештвото, се наведува во денешниот извештај на организацијата за човекови права “Хјуман рајтс воч”.
Организацијата соопшти дека присилното раселување за време на војната во Газа било широко распространето, а доказите покажуваат дека тоа било систематско и дел од државната политика на Израел.
„Таквите дела, исто така, претставуваат злосторство против човештвото“, се вели во извештајот.
Извештајот на “Хјуман рајтс воч” е последен во серијата извештаи на хуманитарните групи и меѓународните тела кои предупредуваат на страшната хуманитарна ситуација во опколената енклава.
Израелската војска и Министерството за надворешни работи на земјата не беа веднаш достапни за коментар, но израелските власти претходно ги отфрлија таквите обвинувања, велејќи дека нивните сили работат во согласност со меѓународното право.
Израелската армија од нападот на Хамас на седми октомври минатата година според здравствените власти во Газа убила повеќе од 43.500 луѓе и уништила голем дел од инфраструктурата на енклавата, принудувајќи ги повеќето од 2,3 милиони жители неколку пати да се преселат.