Дел од семејствата не знаат каде се наоѓаат нивните деца / Photo: AA

Повеќе од 20.000 палестински деца се исчезнати во Газа поради нападот на Израел врз енклавата, многумина се заробени под урнатините, закопани во необележани гробници или изгубени од нивните семејства, објави денеска хуманитарната организација”Save the Children”.

Во соопштението на организацијата со седиште во Велика Британија се вели дека е речиси невозможно да се соберат и проверат информации под сегашните услови во Газа, каде што Израел продолжува со копнените и воздушните напади. Но се верува дека најмалку 17.000 деца се без придружба и разделени и околу 4.000 деца најверојатно се водат како исчезнати под урнатините, со непознат број, исто така, во масовни гробници.

„Другите се насилно исчезнати и префрлени надвор од Газа. Нивните семејства не знаат каде се наоѓаат. Ниту еден родител не треба да копа низ урнатините или масовните гробници за да се обиде да го најде телото на своето дете. Ниту едно дете не треба да биде само, незаштитено во воена зона. Ниту едно дете не треба да биде приведено или држено како заложник“, рече регионалниот директор на организацијата за Блискиот Исток Џереми Стонер.

Израел уби повеќе од 37.000 Палестинци, повеќето жени и деца, по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври, кој однесе 1.200 животи. Акциите на Израел предизвикаа хуманитарна катастрофа. Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.

TRT Balkan / агенции
Популарни