Илјадници Палестинци се принудени да мигрираат во регионот Рафах на границата со Египет поради засилените напади на израелската Армија врз Хан Јунис на јужниот дел на Појасот Газа.
Многу Палестинци го напуштија Хан Јунис, откако израелската Армија соопшти дека нејзините копнени трупи ја ставиле под опсада најголемата населба во јужниот дел на Појасот Газа.
Израелската Армија во последните денови ги засили своите напади врз градот Хан Јунис, за кој претходно тврдеше дека е „безбеден регион“ и го прогласи за „воена зона“ на почетокот од минатиот месец. Хан Јунис во последните денови беше цел на жестоки израелски напади од копно, воздух и море.
„Израелските сили извршија напади од големи размери во последните 24 часа, а Хан Јунис е опколен со копнени трупи“, се вели во соопштението на израелската војска. Хан Јунис исто така беше засолниште за десетици илјади Палестинци кои побегнаа од северот на Појасот Газа во последните месеци.
Сега повторно се принудени да бараат побезбедно место и се упатиле на југ кон градот Рафах. Рафах веќе е средиште на хуманитарна криза предизвикана од приливот на бегалци од север, па во моментов има 1,2 милиони жители, што е четири пати повеќе од населението пред почетокот на израелските напади.
Поради недоволната инфраструктура, бегалците во Рафах претежно живеат во привремени шаторски населби.