Контроверзен,ексцентичен, непредвидлив. На прв поглед со мисија да му помогне на човештвото, но често пати обвинуван дека го гледа првично сопствениот интерес. Кој е всушност Илон Маск, милијардерот со желба да го колонизира марс? И на која основа ги гради сопсттвените ставови?
Технолошки иновации наспроти политички ставови
Иако првата асоцијација за него се технолошките иновации и достигнувања, сателити, ракети и вештачка интелигенција, често пати си дозволува да трча на туѓ терен. Внатрешната и надворешната политика на САД, но и конфликти кои се во фокусот на светската јавност.
Маск и неговите компании на различен начин се инволвирани во воените конфликти низ светот. Во војната во Украина, сателитот Старлинк на неговата компанија Спејс Икс го користат и руската и украинската армија.
За прашањето поврзано со војната во Газа, Маск застана во поддршка на Израел. Беше и меѓу оние кои аплаудираа на говорот на Нетанјаху во американскиот Сенат
Заедно со Нетанјаху ги посети израелските населби во Кфар Аза во појасот Газа. Вети борба против антисемитизмот и говорот на омраза на социјалните мрежи.
“Надворешните ревизии што ги направивме, барем оние што ги направивме, покажуваат дека има најмалку антисемитизам на Х. Ако ги погледнете сите други социјални апликации, никогаш нема да биде нула. Ако имате 600 милиони луѓе на платформата кои очекуваат да биде нешто, да биде нула е крајно малку веројатно затоа што добивате 600 милиони луѓе на платформата”, изјави Маск.
Но сепак тоа е истиот Илон Маск кој во ноември 2023 година поддржа твит кој имаше антисемитска содржина па потоа се извинуваше.
Твитер, Трамп и раководна позиција во администрацијата
Во 2022 го купи Твитер за 44 милијарди долари и го ребрендира во X. Вети борба против ботови и тролови.
“Tреба да се ослободиме од ботови и тролови, измамите, бидејќи тоа очигледно го намалува корисничкото искуство. И ние не сакаме луѓето да бидат измамени за нивните пари. Значи, ние дефинитивно сме на воена патека, па ако некој управува со бот и трол армија, тогаш јас сум дефинитивно нивен непријател. Да биде јасно”, изјави Маск.
Но следуваше кратење на бројот на вработени што предизвика голем револт. Поранешните дирекори пак тужеа за неисплатени отпремнини.
Набрзо на X беше вратен налогот на Доналд Трамп. Две години потоа со милионски износ Маск ја помогна неговата кампања за американски претседател и ќе стане прв човек на Одделот за владина ефикасност.Овој оддел според Трамп ќе има за задача да ја намали бирократијата, регулативите и трошоците.
Што поседува Маск и како го започна бизнисот?
Space X, прва приватна компанија која лансираше сателит во вселената и ракета која се врати на земјата. Тесла, компанија главно позната по производството на електрични автомобили, Solar City за соларна енергија и Open AI со која се испроба во вештачката интелигенција. Сите тие со целосен или делумен сопственички удел се врзуваат со Маск.
На Тесла деновиве и порасна вредноста на акциите и така Маск уште повеќе го зголеми своето богатство. Но беше под истрага за функцоналноста на копилотот односно за тоа дали корисниците на овие автомобили биле информирани за ограничувањата на оваа технологија.
Наводно бизнис приказната на Маск започнува уште во далечната 1995 кога со позајмени 28 000 долари од татко му, со неговиот брат го формираат градскиот интернет водич Зип 2.
Сепак помалку познато е дека добиваат финансиска помош од канадски инвеститори која била клучна за покренување на Зип 2. Овој водич четири години подоцна го продава за фантастични 340 милиони долари на Компак.
Три години подоцна Маск милионите ги претвора во милијарди. Го основа x.com од кој заедно со уште една компанија настанува познатиот Пеј Пал кој во 2002 година е купен од eBay за 1,5 милијарди долари. Но и во овој случај има финансиска помош од фирми со ризичен капитал и директори од силиконска долина.
Останува да видиме дали ќе се исполнат прогнозите на противниџите дека релациите со Трамп и Нетанјаху на компаниите на најбогатиот човек на светот ќе им овозможат дополнителен пробив и финансиска добивка на американскиот и израелскиот пазар.