Имамот на џамијата Ал-Акса: Муслиманите не можат слободно да вршат молитва / Photo: AA

Имамот на џамијата Ал Акса, шеик Екрима Сабри, рече дека муслиманите не можат слободно да извршуваат молитва под израелска окупација.

Сабри е ослободен од израелските власти во петокот, откако беше задржан во притвор неколку часа и одредена му е забрана за влез во џамијата.

Претходно во петокот тој беше уапсен од израелската полиција поради жалењето и пофалбите за убиениот политички шеф на Хамас, Исмаил Ханије.

„Муслиманите не можат слободно да се молат под израелска окупација, луѓето се подложени на произволни притисоци во врска со изразувањето на нивните мислења“, изјави шеикот Сабри за Анадолу.

Тој рече дека ги информирал израелските власти дека не го прекршил законот и дека паролите од муслиманските верници се едноставно изразување на нивните религиозни чувства.

Тој откри дека израелската полиција одлучила да му забрани влез во џамијата Ал Акса на една недела, со можност забраната да се продолжи до шест месеци.

Претходно во петокот неговиот адвокат Халид Забарка за Анадолу изјави дека израелските власти го ослободиле шеикот Екрима и одредиле забрана за негов влез во џамијата до 8 август, со можност за продолжување до шест месеци.

Ханије беше убиен во средата во Техеран, главниот град на Иран. Додека Хамас и Иран го обвинија Израел за убиството, Тел Авив ниту ја потврди, ниту ја негираше својата одговорност.

По петочната молитва во џамијата Ал Акса, Сабри предводеше погребна молитва во отсуство за Ханије.

„Жителите на Кудс и околината на Кудс од мимберот на благословената џамија Ал Акса тагуваат по шехидот Исмаил Ханије“, рече тој за време на хутбата.

85-годишниот имам и претходно е приведуван од израелските сили и со месеци му е забрануван влез во џамијата Ал Акса во окупираниот Источен Ерусалим (Источен Кудс).

Сабри е жесток критичар на повеќедецениската израелска окупација на палестинските територии. Тој претходно ја извршуваше функцијата муфтија на Кудс и на палестинските територии од 1994 до 2006 година.

AA
Популарни