Иранскиот МНР, Аракчи претходно денеска изјави дека загриженоста на САД за иранскиот развој на нуклеарно оружје не е комплицирано прашање и може да се реши, со оглед на тоа што Техеран се противи на оружјето за масовно уништување / Photo: Reuters

Иранските власти се подготвени да преговараат со САД, но под услов Вашингтон да го „заузда“ Израел кога станува збор за Палестинците во Појасот Газа, изјави денеска неименуван ирански функционер за Ројтерс.

Тој рече дека Техеран не се согласува со „какво било раселување на жителите на Газа, но иранско-американските преговори се посебна работа“.

Сепак, официјалниот претставник истакна дека Техеран сака Соединетите држави да го „стават Израел под контрола ако Вашингтон бара договор“ со Иран.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи претходно денеска изјави дека загриженоста на САД за иранскиот развој на нуклеарно оружје не е комплицирано прашање и може да се реши, со оглед на тоа што Техеран се противи на оружјето за масовно уништување.

Неговата изјава дојде откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран не може да има нуклеарно оружје, пренесува Ројтерс.

Трамп рече дека би сакал да постигне договор со Иран што ќе ги подобри билатералните односи меѓу двете земји, но нагласи дека Техеран не треба да развива нуклеарно оружје.

Во исто време, Трамп го повтори предлогот Палестинците да се преселат од Појасот Газа во Египет и Јордан, што тие земји го одбија.

Тој додаде дека САД ќе го „преземат“ Појасот Газа, опишувајќи ја неговата визија за областа како нова „ривиера на Блискиот Исток“.

TRT Balkan / агенции
Популарни