Iran / Photo: AP Archive

Звуци на силни експлозии се слушнаа во најмалку два ирански града во петокот наутро, поради наводен израелски напад во Иран.

Иранските власти ги минимизираа инцидентите и рекоа дека звукот од експлозии во централниот ирански град Исфахан и северозападниот град Табриз бил резултат на активирањето на иранските системи за воздушна одбрана кон „сомнителни објекти“, објавија државните медиуми.

Власта инсистира на тоа дека сите воени и нуклеарни објекти лоцирани во и околу градот Исфахан се безбедни и не е предизвикана штета.

Портпаролот на иранската вселенска агенција Хосеин Далиријан во објава на Х рече дека „нема воздушен напад однадвор“ на иранските граници во Исфахан или во други делови на земјата.

Претходно, полуофицијалната новинска агенција Фарс објави три експлозии во близина на аеродромот во Исфахан и 8-та армиска база Шекари.

Американските медиуми цитираат официјални лица дека добиле претходно известување за израелскиот напад врз Иран, додавајќи дека тие немаат никаква улога во тоа.

Си-Ен-Ен цитираше еден официјален претставник дека целта била нуклеарна постројка.

Нуклеарната постројка Натанц е блиску до градот Исфахан, кој беше предмет на неколку саботажни напади во последниве години.

Иранските медиуми објавија дека ситуацијата е „нормална“ во Исфахан по инцидентите во петокот наутро, инсистирајќи дека не се случиле никакви експлозии „на теренот“.

Меѓународната агенција за атомска енергија, чии инспектори се стационирани во иранските нуклеарни постројки, вклучително и во Исфахан, исто така потврди дека не е причинета штета.

Веднаш по извештаите за експлозиите, аеродромските власти на земјата ги прекинаа летовите до градовите Исфахан и Шираз од Техеран. Летовите подоцна продолжија на меѓународниот аеродром Имам Хомеини и меѓународниот аеродром Мехрабад, извести иранската компанија за аеродроми и воздушна навигација.

Експлозиите се случија во време на зголемени тензии меѓу најголемите непријатели Иран и Израел по невидениот напад од Техеран со стотици проектили и беспилотни летала врз Израел, за кој Иран рече дека е одговор на нападот на 1 април врз иранскиот конзулат во Сирија.

Израел вети ќе возврати за нападот на Иран и покрај тоа што многу западни земји повикаа на воздржаност и деескалација на тензиите.

Поради шпекулациите за израелски напад, висок ирански командант во четвртокот предупреди дека земјата ќе ја преиспита својата нуклеарна доктрина доколку Израел ги нападне нејзините нуклеарни постројки.

Бригадниот генерал Ахмед Хакталаб, командант на Корпусот на Исламската револуционерна гарда задолжен за заштита на нуклеарните центри, рече дека Израел „дефинитивно ќе се соочи со одговор“ во форма на напади врз израелските нуклеарни центри доколку биде нападнат.

AA
Популарни