Хамнеи ја даде оваа изјава за време на проповедта по повод празникот Бајрам во иранската престолнина Техеран, откако водеше заедничка молитва / Photo: Reuters

Опишувајќи го минатонеделниот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск, Сирија како „грешка“, иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, во средата рече дека Израел „ќе биде казнет“ поради тоа. Хамнеи ја даде оваа изјава за време на проповедта по повод празникот Бајрам во иранската престолнина Техеран, откако водеше заедничка молитва на која присуствуваа десетици илјади луѓе. Тој рече дека нападот врз иранскиот конзулат претставува напад на иранска територија, мислејќи на ракетниот напад врз зградата за конзуларните работи на иранската амбасада во сирискиот главен град минатата недела. Најмалку 13 лица беа убиени во нападот, вклучително и седум воени советници на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), за кој иранските власти го обвинија нивниот вечен ривал Израел. Меѓу загинатите има и двајца генерали. „Злобниот режим направи грешка во овој случај и мора и ќе биде казнет“, предупреди иранскиот врховен лидер, зголемувајќи ги шпекулациите дека воена одмаздничка акција е неизбежна. Хамнеи, исто така, го осуди нападот на Израел врз опколениот Појас Газа, велејќи дека Тел Авив не може да се справи со отпорот и прибегнува кон убивање деца. Тој, исто така, ги критикуваше западните влади, велејќи дека настаните во Газа во изминатите шест месеци ја откриле „лошата природа на западната цивилизација“. Највисоките политички и воени лидери на Иран издадоа остри изјави во последниве денови, ветувајќи одмазда за нападот, кој дојде во услови на зголемени регионални тензии. Еден ден по нападот на иранскиот конзулат, Хамнеи рече дека Израел „ќе биде казнет од нивниот храбар народ“, додавајќи дека иранската војска ќе го натера Израел да „зажали за злосторството“. Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан, за време на посетата на Сирија во понеделникот, ги обвини САД дека му дале „зелено светло“ на Израел да го нападне Дамаск, тврдејќи дека нападот бил извршен од авиони и проектили од американско производство. Генерал-мајор Јахја Рахим Сафави, главен воен советник на врховниот водач на Иран, рече дека ниту една израелска амбасада не е безбедна по нападот во Дамаск. Тензиите меѓу двата најголеми непријатели, кои немаат дипломатски односи, ескалираа по војната во Газа. Во објава на X, израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац ја нагласи подготвеноста на Израел да возврати во случај на ирански воен напад. „Ако Иран нападне од негова територија, Израел ќе одговори и ќе нападне внатре во Иран“, напиша тој.

AA
Популарни