Ирска официјално ќе се приклучи кон тужбата за геноцид на Јужноафриканската Република против Израел по зеленото светло од Владата и ќе побара од судот „да го прошири своето толкување“ за тоа што се смета за геноцид, изјави денес ирскиот министер за надворешни работи, Мајкл Мартин.
Ирска ќе се приклучи кон случајот што се води во Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг овој месец, истакна Мартин.
„Се врши колективно казнување на палестинскиот народ со намера и влијанието на воените дејства на Израел во Газа, оставајќи 44.000 мртви и милиони раселени цивили“, рече Мартин денес по состанокот на Владата.
Тој нагласи дека со правна интервенција во случајот на Јужноафриканската Република, Даблин, исто така, ќе побара од МСП „да го прошири своето толкување на она што претставува вршење геноцид од страна на една држава“.
„Загрижени сме дека многу ограниченото толкување на она што претставува геноцид води кон култура на неказнивост во која заштитата на цивилите е минимизирана“, нагласи Мартин.
Тој рече дека гледиштето на Ирска за Конвенцијата (за геноцид) е пошироко и има приоритет на заштита на животот на цивилите и Владата ќе го промовира тоа толкување при нејзината интервенција во овој случај.
Мартин додаде дека Владата го одобрила и приклучувањето кон случајот на Гамбија против Мјанмар според оваа конвенција.
Во октомври 2023 година Израел започна геноцидна војна во Појасот Газа во која досега се убиени над 44.800 луѓе, главно жени и деца, кој сега се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во Газа.