Историскиот палестински град Себастија се соочува со закана од јудаизација / Photo: AA

Палестинците велат дека историскиот град Себастија, кој се наоѓа на окупираниот Западен Брег, се соочува со закана од „јудаизација“ од страна на Израел.

Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) го прогласи тој историски град за „загрозено светско наследство“.

Историјата на Себастија, антички град во Наблус на Западниот Брег, датира од пред 5.000 години. Општина Себастија, во соработка со одредени палестински организации, изврши реставраторски работи на тамошните археолошки локалитети.

Во изјавата за Анадолу, градоначалникот на Себастија, Мохамад Азим, го насочи вниманието на фактот дека Израел е во завршна фаза на заземање на градот Себастија со своите напори за „јудаизација“.

Тој рече дека во рамките на Вториот договор од Осло, потпишан меѓу Палестина и Израел во 1995 година, окупираниот Западен Брег е поделен на три региони и дека администрацијата и безбедноста на „зоната Ц“, која покрива 61 отсто од областа, му се оставени на Израел.

„Како општина наидуваме на различни пречки при завршувањето на реставраторските работи на археолошките локалитети во Себастија. Најважна од овие пречки е што најголем дел од археолошките локалитети во Себастија се наоѓаат во границите на регионот 'Ц' основан со Договорот од Осло“, рече Азим.

Израелските сили често уриваат палестински домови и имоти во областа „Ц“, тврдејќи дека се изградени „без дозвола“. Речиси е невозможно Палестинците да добијат дозвола од израелските власти за градежни активности на нивните приватни земјишта.

Во мај, израелската Влада одобри инвестициски предлог од 29 милиони шекели (околу осум милиони долари) за „развој“ на археолошките локалитети во Себастија. Палестинците, од друга страна, одобрувањето на Израел го протолкуваа како чекор за окупација и јудаизирање на тој регион.

Началникот Азим рече дека градот бил подложен на „неверојатни напади“ од формирањето на сегашната Влада во Израел.

„Нападите со цел заземање и јудаизирање на историскиот град започнаа под изговор за наводно зачувување на историските структури и археолошките локалитети“, рече Азим, стравувајќи дека градот ќе падне во рацете на израелските окупаторски сили.

Нагласувајќи дека патот што Израел го планира за еврејските населби ќе минува низ територијата на Себастија и дека ќе бидат уништени многу историски места, Азим предупреди дека и Израел се обидува да го окупира историскиот град преку проектот за патишта.

AA
Популарни