Куршумите со кој била убиена познатата новинарка на „Ал Џезира“, Ширин Абу Аклех, беа испукани од израелска страна, соопшти Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации (OHCHR).
„Сите информации што ги собравме… се во согласност со наодот дека истрелите во кои беше убиена Абу Аклех и повреден нејзиниот колега Али Самуди дошле од израелските безбедносни сили, а не од неселективно пукање од вооружени Палестинци, како што првично тврдеа израелските власти“, се вели во соопштението на ОХЦХР.
„Не најдовме информации што сугерираат дека имало активност од вооружени Палестинци во непосредна близина на новинарите“, се вели во соопштението, додавајќи дека е „длабоко вознемирувачко“ што израелските власти допрва треба да спроведат кривична истрага за ова прашање.
На 11 мај, Абу Аклех (51) известуваше за напад на израелската војска во близина на бегалскиот камп „Џенин“ на окупираниот Западен Брег кога беше застрелана. Палестинските власти и нејзиниот работодавец „Ал Џезира“ изјавија дека таа била убиена од израелските сили.
Израел, од своја страна, негира каква било одговорност и повика на заедничка истрага со Палестинците, потег што властите во Палестина го отфрлија.