Најмалку 1.000 смртни случаи на затвореници и притвореници во САД не биле регистрирани како бројка, покажа десетмесечната истрага што била спроведена за тоа како се водат статистичките податоци на органите на прогонот и дали се почитуваат законите кога ќе дојде до смртен случај.
Истрагата која ја водеа и двете партии во Конгресот на САД покажа дека Министерството за правда во официјалните статистики има недостиг на најмалку 1.000 починати затвореници кои во тој момент биле во затвор, притвор или при нивно апсење.
Истрагата беше спроведена за да се утврди дали Министерството за правда го почитува Законот за известување за смрт на уапсени, притворени и затворени лица од 2013 година.
„Од 990 неизброени смртни случаи, 341 се починати во затворите, а 649 се смртни случаи поврзани со апсење“ , открива истрагата.
Конгресната истрага покажа дека голем дел од податоците на Министерството за правда не се комплетни, односно кај 70% недостасува барем еден од клучните параметри за евидентирање на смртните случаи кај затворениците, односно раса, етничка припадност, возраст или пол.
Во 40% од податоците недостасува многу важна информација, а тоа е опис на околностите во кои починал затвореникот.
„Целосен неуспех“
Добар дел од информациите на истрагата беа презентирани за време на конгресното сослушување кое го водеа сенаторите од Комитетот за истраги.
„Целосно потфрливте. Мислам, буквално, ова е целосен неуспех“, критикуваше сенаторот Рон Џонсон, републиканец од Висконсин при испрашувањето на Морин Хенеберг која е задолжена за евиденција на смртните случаи во затворите.
Хенеберг при сведочењето посочи дека проблемот настанал со промена на регулативата во 2013 година и изборот статистиката да ја води ново тело на Министерството за правда, наместо претходното тело задолжено за статистика.
Сепак, при сведочењето на семејствата на двајца починати затвореници од сојузните држави Џорџија и Луизијана побараа проблемот да биде сфатен сериозно бидејќи податоците може да доведат до мерки кои ќе спречат слични смртни случаи на други затвореници.
Мајката на еден од починатите прикажа видео кое и го испратил од затворот во кое и вели дека не се чувствува добро, плука крв и дека нозете му се потечени и дека знае дека ќе умре тука. Подоцна затвореникот починал од проблеми со срцето.
„Затоа што ја спроведовме оваа истрага, затоа што фрливме светло на овој неуспех, тие сега велат, осум години откако законот е донесен, дека не можат успешно да го спроведат“, изјави сенаторот Џон Ософ, демократ од Џорџија по официјалното сослушување.
Во недостиг на комплетната слика
Поради недостигот на податоци и сетовите кои се нецелосни, не може да се создаде комплетна слика за условите во затворите и поправните институции, смета професорката по право Андреа Армстронг од Универзитетот од Лојола.
„Смртта во затвореништво може да сигнализира на поголеми проблеми во установите. Невозможно е да го подобрите тоа што не може да го видите“, вели таа.
Регулативата наложува да се собираат податоци од сојузните држави за смртните случаи во затворите и притворите, а потоа врз база на поднесениот извештај да се предложат решенија за намалување на смртта кај овие лица.
Од одделот за правда исто така не успеале да одржуваат уредна документација за смртните случаи на затвореници од 2016 години, а конечниот извештај ќе доцни дури осум години, односно до Конгресот ќе биде поднесен во 2024 година.
Според последните податоци во САД околу 1,5 милиони луѓе биле затворени во сојузните и локалните казнено-поправните институции, а кога ќе се собере бројката од тие што се затворени по федералните затвори затворската популација надминува 2 милиони.