Тесна трка за Сенатот на САД      Фото: Reuters

Републиканците водат во трката за мнозинство во Претставничкиот дом, додека пак во Сенатот и натаму е неизвесно дали демократите ќе ја изгубат контролата. Средорочните избори во САД понудија интересни резултати во поединечните сојузни држави, на половина од мандатот на претседателот Џо Бајден.

Иако изборите се водат поединечно по сојузни држави, сепак големите национални теми во политиката влијаеа, како на кампањите кои ги водеа кандидатите така и за самите гласачи.

За „црвените“ држави клучни проблеми се економијата, високата инфлација и справувањето со криминалот, додека пак за „сините“ држави главен поттик за обединување на прогресивните и левичарските гласови беше заштитата на правото на абортус по контроверзната одлука на Врховниот суд за случајот „Ро против Вејд“.

Тргна ли „црвениот“ бран?

Судејќи според водството кое републиканците го имаат за долниот дом на Конгресот на САД се чини дека најавите за „црвен“ бран биле оправдани, бидејќи гласачите најверојатно донесоа одлука да им ја одземат легислативната моќ на демократите. Со тоа ќе може и да го ограничат претседателот Џо Бајден во преостанатиот дел од мандатот.

Републиканците се блиску до мнозинство од над 218 мандати во Претставничкиот дом каде сите 435 места треба да се пополнат.

Но, еуфоричните најави на десничарските аналитичари нема да бидат целосно оправдани без победа во Сенатот. Од вкупно 100 места, на ноемвриските избори 35 се достапни за освојување, но само дел се во „неодлучните“ сојузните држави.

Силна кампања водеа и Бајден и Трамп за поддршка на нивните кандидати     Фото:  Reuters

Голема победа издвојува Џон Фетерман, демократскиот кандидат за сенаторско место од Пенсилванија, кој го победи популарниот др. Оз во трката за Пенсилванија.

Тесни разлики покажуваат досега пребројаните гласови во Аризона, Невада, Џорџија и Висконсин, па така се уште е рано да се прогласи победник, но водство имаат тројца кандидати на демократите, додека пак републиканците речиси извесно е дека ќе победат во Аљаска.

Ваквите проекции, доколку нема поголеми изненадувања, покажуваат дека силите во Сенатот повторно ќе бидат израмнети, па мнозинството ќе го одредува гласот на Камала Харис како потпретседателка на САД.

Флорида како знак за 2024?

Флорида е една од клучните сојузни држави која често била пресудна за освојување на Белата куќа. Во трката за гувернерското место републиканецот Рон Десантис победи убедливо, па многумина аналитичари сметаат дека ова ќе ја зацврсти неговата позиција како иден кандидат за претседател на САД на следните избори во 2024 година.

Од друга страна, дел од кандидатите кои добија силна поддршка од Доналд Трамп покажуваат дека голем процент од републиканското крило и натаму има доверба во поранешниот претседател, кој веќе ги упати првите напади кон сопартиецот.

Се очекува Трамп во наредните денови официјално да објави дека повторно ќе се кандидира со аргументи дека дел од изборните победи се негова заслуга. Сепак, во неколку сојузни држави, апелот на демократите да не им се дава поддршка на кандидати кои тврдат дека последните претседателски избори се „украдени“ вроди со плод и истите беа поразени.

Главните демократски аналитичари овие избори ги оценија како клучни, тврдејќи дека американската демократија е во опасност, поради екстремните ставови на Трамп и неговите поддржувачи.

Но, тие панични изјави не се покажаа како катализатор за обединување на гласачите. Претседателот Џо Бајден се соочува со речиси најниско ниво на доверба досега и изборниот пораз може дополнително да влијае врз Демократската партија и надежите дека Белата куќа може да биде задржана во 2024 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни