Владата на Израел ја отфрли резолуцијата усвоена во петокот од Генералното собрание на Обединетите нации, која се однесува на повторно разгледување на кандидатурата на Палестина за членство во таа организација и доделување дополнителни права.
Канцеларијата за медиуми на Владата на Израел соопшти дека на седницата на Владата е ставен на гласање предлогот на премиерот Бенјамин Нетанјаху за отфрлање на палестинската резолуција усвоена од Генералното собрание на ОН.
Предлогот бил едногласно усвоен, а Нетанјаху нагласи дека нема да дозволи формирање на палестинска држава.
„Ниту Генералното собрание на ОН, ниту која било друга институција, никој не може да не спречи или да го спречи Израел да го искористи своето основно право на самоодбрана“, рече израелскиот премиер.
Резолуцијата, која беше усвоена во петокот, ја нагласува потребата од почитување на територијалниот интегритет на окупираните палестински територии, вклучително и Источен Ерусалим (Ал Кудс).
Истакнувајќи дека Палестина е „подобна за членство во Обединетите нации“ според член 4 од Повелбата на ОН, резолуцијата го повика Советот за безбедност на ОН да ја преиспита кандидатурата на Палестина за членство.
Во 2011 година Палестина поднесе барање за полноправно членство во ОН, но не ја доби потребната поддршка од Советот за безбедност. Во 2012 година, Палестина доби „статус на постојан набљудувач“ во ОН.
Постојаниот претставник на Палестина во ОН, Ријад Мансур, на 2 април испрати писмо до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, барајќи преглед на барањето за членство на Палестина.
На 3 април Гутереш му пиша на Советот за безбедност на ОН и повика на разгледување на барањата на Палестина.
На 8 април, Советот за безбедност го упати барањето на Палестина до Комитетот за прием на нови членки. Комитетот по две средби соопшти дека не може да постигне договор.
Потоа, Алжир на 18 април поднесе нацрт-резолуција за членство на Палестина до Советот за безбедност, на која САД ставија вето.