По најавата на Хамас за прифаќање на катарско-египетскиот предлог за прекин на огнот во Газа, Израел одлучи да ја продолжи операцијата во Рафах / Photo: Reuters

Израелската армија во вторник објави дека нејзините сили ја презеле контролата врз палестинската страна на граничниот премин Рафах со Египет, во јужниот дел од Појасот Газа.

Израелската армија соопшти дека нејзината 401 оклопна бригада ја презела „оперативната контрола“ на преминот Рафах од палестинска страна.

Во соопштението се додава дека израелските сили спроведуваат „операција за расчистување“ во областите на источен Рафах што ги зазеле и се вели дека убиле 20 палестински вооружени лица.

Портпаролот на палестинскиот граничен премин потврди претходно дека границата е затворена на палестинска страна.

На видеото споделено од израелските медиуми се гледа израелски тенк на преминот Рафах.

По најавата на палестинската група Хамас за прифаќање на катарско-египетскиот предлог за прекин на огнот во Газа, израелскиот воен кабинет одлучи да ја продолжи операцијата во Рафах со цел, како што наведе, „воен притисок врз Хамас за да напредува во ослободувањето на заложниците и други воени цели“.

Израелската армија издаде итна наредба за евакуација на Палестинците во источните населби на Рафах и ги повика да се преселат во градот Ал-Маваси во јужниот дел на Газа.

Рафах е дом на повеќе од 1,5 милиони раселени Палестинци кои побегнаа од војната што ја започна Израел по нападот на Хамас на 7 октомври во кој загинаа речиси 1.200 луѓе.

Оттогаш, во израелските напади загинаа повеќе од 34.700 Палестинци, главно жени и деца, и предизвикаа хуманитарна катастрофа.

Речиси седум месеци по почетокот на израелската војна, огромни делови од Газа лежат во урнатини, додека 85 отсто од населението на енклавата е внатрешно раселено.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејствија и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.

AA
Популарни