Израел се обидува да ја влоши хуманитарната ситуација во Појасот Газа со затворање на граничниот премин Рафах, соопшти денес локалната власт во палестинската енклава.
„Во продолжение на геноцидната војна на израелската окупациска армија против нашиот палестински народ низ Појасот Газа, окупацијата одлучи да ја влоши хуманитарната реалност во Газа“, се вели во соопштението на владината канцеларија за медиуми со седиште во Газа.
Израелската Армија го запре влезот на хуманитарна помош со затворање на премините Рафах и Карeм Eбу Шалем, се вели во соопштението.
Во изминатите 12 часа, во соопштението се додава дека израелската Армија убила повеќе од 35 Палестинци.
„Ситуацијата не е само катастрофална во Рафах, туку се протега на сите области на Појасот Газа кои страдаат од трагична ситуација на систематско гладување“, се вели во соопштението.
Канцеларијата повика на „итна меѓународна интервенција“ за да се запре агресијата на Израел.
Израелската Армија рано утринава соопшти дека нејзините сили ја презеле контролата на палестинската страна на граничниот премин Рафах со Египет.
Портпаролот на палестинскиот граничен премин потврди претходно дека границата е затворена од палестинска страна.
Видеоснимката споделена од израелските медиуми, вклучително и од Тајмс оф Израел, покажува израелски тенк на преминот Рафа.
По најавата на палестинската група Хамас за прифаќање на катарско-египетскиот предлог за прекин на огнот во Газа, воениот кабинет на Израел одлучи да продолжи со операцијата во Рафах.
Израелската Армија вчера издаде итна наредба за евакуација на Палестинците во источните населби Рафах и ги повика да се преселат во градот Ал-Маваси во јужниот дел на Газа.
Рафа е дом на повеќе од 1,5 милиони раселени Палестинци кои се засолниле од војната што Израел ја започна по нападот на Хамас на 7 октомври, во кој загинаа речиси 1.200 луѓе.
Оттогаш, во израелскиот напад се убиени повеќе од 34.780 Палестинци, главно жени и деца, и е предизвикана огромна хуманитарна катастрофа.
Речиси седум месеци по почетокот на израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, а 85 отсто од населението на енклавата се внатрешно раселени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.