Според првичните информации, четири лица се убиени, а 40 се повредени во израелското бомбардирање на шаторите поставени во дворот на болницата „Загинати херои на Ал Акса“ во Појасот Газа, во кои се сместени раселените цивили.
Во вестите што ги објави официјалната палестинска новинска агенција ВАФА се наведува дека израелската армија ги бомбардирала шаторите во кампусот на болницата „Загинати херои на Ал Акса“ во градот Деир ал Балах, во централниот дел на Појасот Газа.
Голем број Палестинци се убиени и повредени во израелскиот напад врз шаторите во болничкиот кампус во кои престојувале раселените цивили. Бомбардирањето предизвикало повеќе пожари во кампусот, при што пламенот почнал да се шири наоколу.
Во изјава за ВАФА, претставници на болницата „Загинати херои на Ал Акса“ истакнаа дека многу цивили биле убиени и повредени во израелското бомбардирање на шаторите.
Според информациите што ги дадоа здравствени извори за дописникот на АА од регионот, во пожарите што избувнаа по нападот изгореле приближно 30 шатори на раселените Палестинци. Пожарот бил активен околу 45 минути.
Во израелското бомбардирање убиени се 4 Палестинци, од кои едно дете и една жена, а 40 се повредени.
Здравствени извори наведуваат дека телата на загинатите се целосно изгорени, додека повредените најчесто се здобиле со изгореници од втор и трет степен.
Шаторите во болничкиот комплекс беа бомбардирани по 7-ми пат
Според писменото соопштение што го објави Канцеларијата за медиуми на Владата во Газа, израелската армија по седми пат извршила напад врз шаторите во кои престојуваат раселените цивили во кампусот на болницата „Загинати херои на Ал Акса“.
Претходно израелските воени авиони ги бомбардираа шаторите во кампусот на болницата „Загинати херои на Ал Акса“ во градот Деир ал Балах во кои се сместени раселените цивили и на 10 јануари, 13 март, 22 јули, 4 август и 27 септември.
Од друга страна, на социјалните мрежи беа споделени видеа на кои некои луѓе се зафатени од огнот и на кои се слушаат врисоци што доаѓаат од болничкиот кампус.
Во нападите извршени од Израел врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година, убиени се 42.227 Палестинци, меѓу кои приближно 17.000 се деца и 11.378 се жени, а 98.464 беа повредени.
Се истакнува дека сѐ уште има илјадници мртви под урнатините, а Израел ја нишани цивилната инфраструктура и со бомбардирање и гранатирање ги уништува болниците и образовните институции во кои е засолнето цивилното население.