Најмалку пет Палестинци загинаа во израелско бомбардирање на училиште во кое се засолнувале цивили во источниот дел на градот Газа.
Цивилната одбрана соопшти дека екипи под урнатините на училиштето извлекле пет тела. Соопштено е дека во нападот се ранети 15 лица.
Телата на убиените Палестинци и ранетите се префрлени во болницата Ал Ахли. Најмалку 38.011 Палестинци се убиени, а 87.445 луѓе се ранети во континуираните напади на Израел врз Појасот Газа од 7 октомври минатата година, соопшти денеска Министерството за здравство во блокираната енклава.
Во израелските напади појасот Газа е во голема мера уништен, а околу 2,3 милиони жители се борат за опстанок под блокада и екстремна хуманитарна криза.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој во својата најнова превентивна мерка му нареди на Израел веднаш да ја прекине операцијата во Рафах, град во јужниот дел на Појасот Газа, кој е дом на повеќе од милион раселени Палестинци.