Бројот на убиени Палестинци во нападите на израелската Армија врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година се зголеми на 40.173, јавува Анадолу.
Во соопштението на Министерството за здравство во Газа се објавени информации за израелските напади врз Газа во изминатите 319 дена.
Како што се наведува, израелската Армија извршила три масакри во различни делови на Газа во последните 24 часа, убивајќи притоа уште 34 Палестинци и ранувајќи 114.
Бројот на убиени во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври достигна 40.173, а 92.857 се повредени.
Во соопштението се наведува и дека сѐ уште има мртви под урнатините, но медицинските екипи и службениците за цивилна заштита не можат да стигнат до нивните тела поради препреките на израелските сили.
Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Појасот Газа на 7 октомври 2023 година.
Повеќе од 10 месеци од почетокот на израелската војна, огромни делови од Газа се во урнатини, каде што постои блокада на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој му нареди веднаш да ја прекине својата воена операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.