Израелската Армија од 7 октомври држи тела на 1.500 Палестинци за кои се верува дека им припаѓаат на вооружени лица на Хамас во нејзиниот пустински притворен центар Сде Теиман, објавија денес израелските медиуми, пренесува Анадолу.
Израелскиот дневен весник „Хаарец“ цитираше израелски војник кој служел во притворниот центар дека телата се чуваат во фрижидери и се класифицирани по бројки, а не врз основа на имиња.
Војникот додаде дека телата се во лоша состојба бидејќи некои од нив имаат знаци на распаѓање, на други им се ампутирани екстремитети, а некои имаат препознатливи лица, додека други немаат.
„Хаарец“ проценува дека поголемиот дел од овие неидентификувани тела се на елитните сили на групата Хамас кои на 7 октомври преминаа во израелските области околу Појасот Газа.
Се нагласува дека телата не се пренесени во ниту еден центар за судска медицина за обдукција.
Весникот ја цитираше израелската Армија дека секоја одлука во врска со враќањето на телата е на израелската Влада.
Од јуни, израелскиот Врховен суд го разгледува случајот што го подигнаа израелските организации за човекови права со барање веднаш да се затвори притворниот центар Сде Теиман по извештаите за случаи на тортура на Палестинците приведени во центарот.
Иако нема точен број на Палестинци приведени од израелската Армија од Газа, според израелските податоци има над 9.000 палестински затвореници во израелските затвори.