Израел продолжи со својата офанзива врз Газа и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот

Израел планира да ја прошири својата копнена офанзива во Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, му соопшти министерот за одбрана Јоав Галант на американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан.

„Проширувањето на операцијата таму е компонента на напорите на Израел да го разбие Хамас и да ги врати заложниците“, рече Галант за време на состанокот со Саливан во Тел Авив, а е цитиран од весникот „Тајмс оф Израел“.

Галант му ги претстави на американскиот советник „најновите вести за евакуацијата на цивилите од подрачјето на Рафа и обезбедувањето хуманитарна помош“.

Израелската Армија на 6 мај започна копнена офанзива во Рафа, дом на 1,5 милиони раселени Палестинци, а Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA) проценува дека повеќе од 800.000 луѓе го напуштиле градот од почетокот на израелскиот напад.

„Секој пат кога семејствата се раселени; нивните животи се во сериозен ризик. Луѓето се принудени да остават сè зад себе барајќи безбедност. Но, нема безбедна зона“, соопшти денес Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА).

Одделно, Саливан се состана со израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид, кој повика на соборување на Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху и одржување предвремени избори.

„Му реков (на Саливан) дека не треба да се откажеме од напорите за враќање на киднапираните. Ова е најважната и најитната задача“, истакна Лапид преку социјалната мрежа X.

Опозицијата го обвинува Нетанјаху дека не ги постигнал декларираните цели на војната во Газа, особено елиминацијата на Хамас и враќањето на израелските заложници кои ги држи Хамас.

Саливан пристигна во Израел вчера по Саудиска Арабија и се состана со највисоките функционери, вклучително и со Нетанјаху, за да разговараат за војната во Газа, особено за Рафа, и зголемување на протокот на хуманитарна помош во Газа, се вели во соопштението на кабинетот на Нетанјаху.

Израел продолжи со својата брутална офанзива врз Појасот Газа и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот во енклавата.

Од почетокот на израелските напади врз Газа загинати се повеќе од 35.400 Палестинци, од кои повеќето се жени и деца, а над 79.500 се повредени од октомври минатата година по нападот на Хамас.

По повеќе од седум месеци од почетокот на израелската војна, големи делови од Појасот Газа се во урнатини, а 85 отсто од населението на енклавата се внатрешно раселени.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа.

AA
Популарни