Израел одобри додавање на 50 палестински затвореници на листата на оние што планира да ги ослободи врз основа на договорот за размена со Хамас доколку палестинската група ослободи уште израелски заробеници што ги држи во Појасот Газа, соопшти ова утро Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Владата одобри додавање на 50 затвореници на листата на оние што ги исполнуваат условите во случај да се изврши ослободување на дополнителни израелски заложници“, се вели во соопштението.
Израелскиот весник „Харец“ објави дека активистката Ахед Тамими е меѓу палестинските затвореници што се очекува да бидат ослободени.
Израелските безбедносни сили ја приведоа Тамими во 2017 година и ја затворија на 8 месеци, по што повторно ја приведоа на 6 ноември оваа година во селото Наби Салех во окупираниот Западен Брег.
Канцеларијата на Нетанјаху ова утро објави дека Тел Авив добил листа на заложниците што ќе бидат ослободени подоцна во текот на денот.
Невладината организација Здружение на палестински затвореници утрово објави дека израелските власти држат 60 палестински жени в затвор, од кои повеќето се приведени по 7 октомври.