Израелските сили целосно го опколија градот Газа, рече Хагари / Photo: AA

Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари изјави во неделата дека тие го поделиле блокираниот Појас Газа на два дела и целосно го опколиле градот Газа.

„Сега има северна Газа и јужна Газа“, рече Хагари, истакнувајќи дека израелските сили целосно го опколија градот Газа.

Хагари изјави дека ќе им дозволи и на палестинските цивили во северна Газа да преминат на југ.

Одговарајќи на прашање за нападите врз Газа, Хагари посочи дека израелските сили во моментов вршат значајни напади во регионот.

Израелските сили продолжија со воздушните напади врз Појасот Газа доцна во неделата, а бегалскиот камп Ал Шати во западниот дел на градот Газа и вечерта повторно беше цел на напад.

Медицински извори потврдија за Анадолу дека израелските воздушни напади предизвикале значителни жртви, целосно уништувајќи станбен блок во бегалскиот камп Ал Шати во опколениот град Газа.

На видеата се гледаат силни експлозии, зградите горат, а над градот се издига чад.

Израелската армија на 2 ноември предупреди дека ќе изврши интензивни напади и ги повика жителите на бегалскиот камп Ал Шати „итно да ја евакуираат областа“.

Владата во Газа вечерва соопшти дека израелската армија врши „интензивно бомбардирање“ околу неколку болници на северот на Појасот Газа, набргу по прекинот на телекомуникациите.

Палестинската телекомуникациска компанија издаде соопштение во кое се вели дека „Израел ги прекина комуникациските линии и како резултат на тоа сите комуникациски и интернет услуги се целосно прекинати во Газа“.

Газа се соочува со тешка хуманитарна криза без струја, додека водата, храната, горивото и медицинските материјали се при крај.

AA
Популарни