Постигнатиот договор за прекин на огнот меѓу Израел и Либан влегува во вториот ден / Photo: Reuters

Израелската армија денес ги предупреди либанските цивили да не се приближуваат до 10 села во Јужен Либан, каде постигнатиот договор за прекин на огнот меѓу Израел и Либан влегува во втор ден.

Во соопштението портпаролот на израелската армија Авичај Адрае ги наведе имињата на селата на арапски јазик, предупредувајќи ги цивилите да не се враќаат во нив „до понатамошно известување“.

Во својата порака на социјалната мрежа X тој приложи мапа на која се прикажани селата што се забранети, меѓу кои се и селата Шеба, Хебарија, Марџаајун, Јохмор, Бараахит и други.

Адрае предупреди дека „секој што ќе ја премине линијата се става во опасност“.

Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Либан стапи на сила вчера изутрина за да стави крај на над 14-месечните борби меѓу израелската армија и Хезболах.

Според условите за прекин на огнот, Израел постепено ќе ги повлече своите сили јужно од Сината линија, а либанската армија ќе ги распореди своите сили во Јужен Либан во период што не надминува 60 дена.

Спроведувањето на договорот ќе го надгледуваат САД и Франција. Сепак, деталите за механизмите за спроведување остануваат нејасни.

Според либанските здравствени власти, во израелските напади врз Либан се убиени повеќе од 3.800 луѓе и над еден милион се раселени од октомври минатата година.

TRT Balkan / агенции
Популарни