Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац го потврди вечерва убиството на лидерот на Хамас, Јахја Синвар.
Во пораката до своите колеги ширум светот, Кац рече дека Синвар бил убиен од израелските војници.
„Ова е значајно воено и морално достигнување за Израел и победа за целиот слободен свет против оската на злото на радикалниот ислам предводена од Иран“, рече Кац.
Елиминацијата на Синвар, додаде тој, создава можност за итно ослободување на заложниците и го отвора патот за промена што ќе доведе до нова реалност во Газа - без Хамас и без иранска контрола.
Хамас се уште не излезе со официјално соопштение.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им наредил на соработниците да ги информираат семејствата на заложниците дека лидерот на Хамас Јахја Синвар е мртов, јави израелскиот Канал 12.
Здружението на семејствата на заложниците претходно денеска ја повика израелската влада да го искористи веројатното убиство на Синвар за да обезбеди итен договор за заложниците.
Тајмс оф Израел цитираше неименуван израелски функционер дека Синвар бил убиен во напад на зграда во Рафах, во јужниот дел на Појасот Газа.
Синвар беше назначен за политички лидер на милитантната палестинска групана на почетокот на август, по атентатот врз нејзиниот водач Исмаил Ханије во Техеран.
Се смета дека Синвар (61) стои зад нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година.
Тој помина 23 години во израелските затвори пред да биде ослободен во 2011 година во размена на затвореници.