Израел го запре ослободувањето на палестинските затвореници поради наводно инциденти што се случија кога утринава беа ослободени тројца израелски заложници и уште петмина државјани на Тајланд од Газа, јавуваат медиумите.
Според Тајмс оф Израел, палестинските затвореници веќе биле во автобусите кога биле запрени.
Група израелски заложници, придружувани од Хамас и Исламски џихад, се појавија во Кан Јунис пред нивното ослободување, каде што беа набљудувани од илјадници луѓе собрани на планираното место за размена.
На снимката се гледа како заложниците се движат низ блокиран пат додека се опкружени со голем број луѓе.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху остро го критикуваше начинот на кој била извршена размената во таа хаотична средина, опишувајќи ги сцените од Кан Јунис како „неверојатна суровост“ од Хамас.
Нетанјаху истакна дека таквите настани претставуваат „доказ за незамислива суровост“ и побара посредниците да ја осигураат безбедноста на заложниците во идните размени.
Израелските медиуми јавуваат дека израелската влада им наредила на затворските власти да го прекинат планираното ослободување на 110 палестински затвореници до понатамошно известување.
Автобусите со затвореници се враќаат во затворот Офер, јавува Радио на израелската армија.
Црвениот крст се уште ги проверува сите детали за размената и најави дека наскоро ќе даде дополнителни информации за настанот.