Агенцијата на Обединетите нации има рок од 30 дена/ Фото: DPA

Израелските власти ѝ наредија на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) да го напушти седиштето во окупираниот Источен Ал Кудс/Ерусалим во рок од 30 дена, објавија денес израелските медиуми.

Како што пренесува порталот „Тајмс оф Израел“, ресорната управа за земјиште соопшти дека УНРВА мора да плати долг од 7,3 милиони долари, наведувајќи дека во последните седум години агенцијата „работела без дозвола на израелска територија“.

Овој потег следува по барањето на министерот за домување Јицак Голдкнопф претходно оваа година, УНРВА да се исели.

Мерката против УНРВА се смета за политички мотивирана, бидејќи израелските власти, вклучително и премиерот Бенјамин Нетанјаху, долго време се обидуваат да ја отстранат УНРВА од дејствување на окупираните палестински територии.

УНРВА и ОН сè уште не се огласија по повод овие наводи.

УНРВА е основана со резолуција на ОН во 1949 година и има мандат да обезбедува помош и заштита на бегалците во Јордан, Сирија, Либан, Западниот Брег и Појасот Газа.

AA
Популарни