Власта го поздрави изгласувањето додека опозицијата смета дека се работи за најрасипнички буџет / Photo: AA

Израелскиот Кнесет денеска го усвои изменетиот воен буџет со 62 гласа „за“ и 55 гласа „против“, по два дена жестока расправа.

Според пишувањата на „Тајмс оф Израел“ партијата Ликуд на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го поздрави изгласувањето, нагласувајќи дека успеала да усвои буџет што како што велат од партијата гарантира продолжување на војната до целосна победа и кој е од корист за граѓаните на Израел и економијата на државата.

Усвојувањето на буџетот беше критикувано од лидерот на опозицијата Јаир Лапид, кој рече дека тоа е најрасипничкиот буџет во историјата на Израел и вети дека тоа е последниот буџет што оваа влада ќе го донесе.

Воениот буџет за 2024 година ќе биде 584,1 милијарди израелски шекели односно 160 милијарди долари, што е за 19 милијарди долари повеќе од првичниот буџет за 2024 година одобрен во мај 2023 година.

15 милијарди долари од овие дополнителни 19 милијарди долари се наменети за финансирање на војската, додека остатокот е наменет за цивилни потреби за време на војната во Газа.

TRT Balkan / агенции
Популарни