ИДФ го користи системот на вештачка интелигенција „Лаванда“ / Фото: Reuters

Израелската армија користи програма со вештачка интелигенција што одредува илјадници Палестинци како потенцијални цели за воени напади врз Појасот Газа, покажа новата истрага, јавува Анадолу.

Системот за вештачка интелигенција, наречен Лаванда, е дизајниран за да ги означи сите осомничени оперативци во вооружените крила на палестинските групи Хамас и Исламски џихад како потенцијални цели за бомбардирање.

Според шесттемина израелски разузнавачи, кои биле вклучени во употребата на вештачка интелигенција за означување цели за атентат, Лаванда наведе 37.000 палестински мажи и нивни домови како потенцијални цели за напад.

Лаванда беше развиена од единицата 8200, елитна армиска разузнавачка дивизија.

„Имаше нелогичен размер (бомбардирање) во оваа операција“, изјави Б., висок разузнавач, за израелско-палестинското издание +972 Магазин и за весникот на хебрејски јазик „Локал Кол“.

„Ова е неспоредливо, во моето сеќавање. И имам многу поголема доверба во статистичкиот механизам отколку во војникот што изгуби пријател пред два дена“, рече тој.

„Машината го прави тоа ладно. И тоа олеснува.“

Според разузнавачки извори, списоците за убиства на Лаванда добиле огромно одобрение од израелската армија, без барање за темелна проверка на необработените податоци.

Еден извор рече дека армиските офицери ќе ѝ дадат само „20 секунди“ на секоја цел пред да одобрат воздушен напад, иако системот за вештачка интелигенција прави „грешки“ во приближно 10 отсто од случаите.

Резултат од тоа се над 33.000 убиени Палестинци во израелските напади, повеќето жени и деца, односно луѓе што не биле вклучени во борбите.

Според два извора, во првите недели од израелската војна против Газа, на армиските сили им било дозволено да убијат 15-20 цивили за време на воздушните напади врз цели со низок ранг.

Нападите на таквите цели беа извршени со употреба на ненаведувана муниција, познати како „неми бомби“, кои можат да уништат цели згради и да предизвикаат значителни жртви.

„Не сакате да трошите скапи бомби на неважни луѓе - тоа е многу скапо за земјата и има недостиг (од тие бомби)“, рече Ц., друг разузнавач.

- Убивање на „повеќе од 100 цивили“ -

Друг извор рече дека тие лично одобриле бомбардирање на „стотици“ приватни домови на наводни помлади оперативци што биле означени со Лаванда.

Според изворите, доколку цел бил висок функционер на Хамас со чин командант на баталјон или бригада, армијата во неколку наврати одобрила убиство на повеќе од 100 цивили при атентат на еден командант.

„Затоа што нападите обично ги извршувавме со неми бомби, а тоа значи буквално уништување на целата куќа над нејзините станари“, сведочеше разузнавачот Ц.

„Но дури и ако е спречен напад, не ви е гајле - веднаш се движите кон следната цел. Поради системот, никогаш нема крај на целите. Има уште 36.000 што чекаат.“

Израелската армија, од своја страна, го отфрли извештајот, тврдејќи дека „секоја цел се испитува поединечно, додека се прави индивидуална процена на воената предност и колатералната штета што се очекува од нападот“.

Израел спроведува смртоносна воена офанзива во Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври во кој загинаа околу 1.200 луѓе.

Оттогаш во израелските напади врз Газа убиени се најмалку 33.037 Палестинци, а речиси 75.700 се повредени. Израел, исто така, воведе блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на Северна Газа, на раб на глад.

Според податоците на Обединетите нации (ОН), израелската војна, која влезе во 181 ден, принуди 85 отсто од населението на Газа на внатрешно раселување, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој минатата недела побара од него да стори повеќе за да го спречи гладот во Газа.

AA
Популарни