Портпаролот на израелското МНР ја опишал истражната комисија на ОН како „антиизраелска и антисемитска формација“ / Photo: AA

Израел им забрани на лекарите да се состануваат со официјалните претставници на Обединетите нации (ОН) кои ги истражуваат нападите од 7 октомври.

Според веста што ја објави „Тајмс оф Израел“, Министерството за здравство на Израел им забрани на здравствените работници да се состануваат со официјалните претставници на ОН кои ги истражуваат настаните од 7 октомври, сметајќи дека имаат „антиизраелски ставови“.

Во веста се наведува дека Истражниот одбор формиран од Советот на ОН за човекови права се обидува последните недели да контактира со израелските лекари и други здравствени работници кои биле сведоци на настаните од 7 октомври.

Се напоменува дека Истражниот одбор од почетокот на настаните „ги истражувал меѓународните злосторства и родово засновани злосторства“, сакајќи да добие информации со интервјуирање на здравствените работници.

Во веста се вели дека израелската државна телевизија КАН објавила дека правниот оддел на Министерството за правда им дал инструкции на службениците на Министерството за здравство и побарал од здравствените работници да не разговараат со Истражниот одбор на ОН.

Се истакнува дека портпаролот на израелското МНР, Лиор Хаиат, ја опишал истражната комисија на ОН како „антиизраелска и антисемитска формација“.

Извештајот што го подготвува Истражниот одбор формиран од страна на Советот на ОН за човекови права ќе биде завршен во јуни и ќе биде претставен пред Генералното собрание на ОН.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, станбените објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.

На 24 ноември стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.

На 1 декември, по завршувањето на хуманитарната пауза, израелската војска продолжи со своите интензивни напади низ Појасот Газа.

Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се загинати најмалку 24.285 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 61.154 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.

Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртви на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.

„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.

AA
Популарни