Ослободената палестинска лидерка, политичарка и активистка Халида Џарар рече дека израелските власти не ги третираат палестинските затвореници како човечки суштества, опишувајќи ги условите во затворите како „најлоши и најтешки од окупацијата на Западниот Брег во 1967 година“.
Во раните утрински часови во понеделникот, Израел ослободи 90 палестински затвореници во рамките на договорот за прекин на огнот и размена на затвореници со кој беше прекината неговата геноцидна војна во Појасот Газа, која однесе над 47.000 животи од 7 октомври 2023 година и ја остави енклавата во урнатини.
Џарар, која беше држена во административен притвор од декември 2023 година, беше меѓу ослободените. Тоа се случи откако беа ослободени три израелски заложнички кои ги држеше палестинската група Хамас во Газа. Административниот притвор е политика која им овозможува на израелските власти да држат поединци без обвинение или судење.
Во изјавата за Анадолу, лидерката на Народниот фронт за ослободување на Палестина, која беше апсена повеќепати, рече дека условите во израелските затвори „не биле толку сурови колку што се сега“.
Опишувајќи ја состојбата во затворите во Израел, Џарар рече дека Палестинците се соочуваат со „лош квалитет и недоволно количество на храна, како и со политиката за самици што ја практикуваат окупаторските власти“.
„Поминав шест месеци во самица“, рече таа, додавајќи дека „многу Палестинци се држат во самица во многу тешки услови“.
Високата политичарка рече дека она што се случува во израелските затвори е резултат на политиката на актуелната израелска влада и на Итамар Бен-Гвир, министерот за национална безбедност од крајната десница, кој поднесе оставка по прекинот на огнот во Газа, која се обидува „да се справи со затворениците на начин како да тие не се луѓе“.
Додека Џарар (61) се движеше низ насобраните луѓе по нејзиното ослободување, можеше да се види дека нејзината некогаш темна коса е побелена, и е со исцрпено лице.
„Бевме изложени на екстремна суровост и физичка тортура во намерен обид за наше понижување и омаловажување“, рече таа.
Пратеничката истакна дека каузата на затворениците е „составен дел од каузите на нашиот народ“ и борбата против сите израелски политики кон затворениците мора да биде на национално ниво.
Џарар беше избрана за членка на Палестинскиот законодавен совет на последните парламентарни избори одржани во 2006 година. Таа беше челничка на собраниската Комисија за затвореници, а исто така беше избрана во палестинската комисија за прашања поврзани со Меѓународниот кривичен суд.
Џарар беше апсена од израелската Армија неколкупати под обвинение за припадност на „забранета“ партија и за нејзината улога во активностите за поддршка на палестинските затвореници во израелските затвори.
Според групите за прашања на затворениците, таа постојано била малтретирана од затворските чувари, што влијаело на нејзината состојба.
Според проценките, бројот на палестински затвореници во израелските затвори е над 11.000.
Хамас ослободи три израелски заложнички според договорот за прекин на огнот, кој стапи на сила во неделата.
Договорот, кој се состои од три фази, вклучува размена на затвореници и одржлив мир, со цел траен прекин на огнот и повлекување на израелските сили од Газа.