За ваша безбедност, искористете го времето и тргнете кон југ, порача Адрае / Photo: AA

Израелската војска денеска соопшти дека ќе отвори коридор за Палестинците во Појасот Газа за да побегнат на југ поради воената офанзива во приморската територија.

Авичај Адрае, портпарол на армијата, на арапски јазик рече дека на цивилите ќе им биде дозволено да се движат преку автопатот Салахудин од 10:00 до 14:00 часот по локално време.

„За ваша безбедност, искористете го времето и тргнете кон југ од другата страна на Вади Газа“, рече портпаролот.

Израелската војска предупреди 1,1 милион луѓе што живеат во северниот дел на Појасот Газа да се евакуираат кон југ поради проширувањетo на нејзините операции во северниот дел на блокираната енклава.

Во меѓувреме, Министерството за здравство со седиште во Газа ги предупреди Палестинците да не го користат коридорот што го најави Израел кон југот на Газа.

На прес-конференција, Ашраф ал-Кудра, портпарол на Министерството, го опиша коридорот што го најави Израел како „коридор на смртта“.

„Израелската окупација продолжува со лагите за постоењето на безбедни коридори за раселените лица и медицинскиот персонал“, додаде Ал Кудра.

Израел започна воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7. октомври.

Најмалку 9.770 Палестинци загинаа во израелските бомбардирања врз Појасот Газа.

Според официјалните податоци, бројот на загинати во Израел е скоро 1.600.

Покрај големиот број жртви и масовните раселувања, основните резерви се при крај за 2,3 милиони жители на Газа поради израелската опсада.

AA
Популарни