Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека мировниците мора да бидат заштитени / Photo: AA

Израелската армија денеска изврши нов напад врз позициите на Привремените сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ), при што беа повредени неколку мировници од Шри Ланка кои се стационирани таму.

Според државната либанска Национална новинска агенција, израелски тенк Меркава нападнал една од кулите за набљудување на УНИФИЛ на главниот пат што го поврзува Тир со Накура, пред контролен пункт на либанската армија, при што има повредени од контингентот на Шри Ланка.

Истиот извор јавува дека израелската артилерија истрелала граната која го погодила главниот влез на командниот центар на УНИФИЛ во Накура, при што е нанесена штета на објектот.

Ова е втор израелски напад врз командниот центар на УНИФИЛ во Накура во изминатите три дена.

Во четвртокот, мировните сили на ОН соопштија дека седиштето на УНИФИЛ во Накура и неколку позиции на неговите војници биле постојано гранатирани од израелските сили, при што биле повредени двајца војници.

„Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток е сериозна закана за глобалната безбедност и мора да сѐ направи се за да се избегне сеопфатна војна во Либан“, изјави денеска генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

Гутереш, говорејќи на прес-конференција на маргините на самитот на Асоцијацијата на нациите на Југоисточна Азија (АСЕАН) во Лаос, исто така ги осуди израелските напади во кои беа ранети членови на мисијата на ОН.

Тој рече дека мировниците мора да бидат заштитени.

Кина денес остро ги осуди и изрази загриженост поради израелските напади врз седиштето на УНИФИЛ во јужен Либан, соопштија државните медиуми.

И Русија остро го осуди израелскиот напад врз мировниците на ОН во Либан, им изрази поддршка на ранетите мировници и им посака брзо закрепнување.

„Москва силно ги осудува акциите на израелските сили. Руската страна повикува на итен прекин на непријателските дејствија против мировниците на ОН кои ја извршуваат својата мисија во Либан во согласност со мандатот на Советот за безбедност на ОН“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Ситуацијата останува напната бидејќи УНИФИЛ работи во предизвикувачко опкружување во услови на тековни воени акции во регионот.

Израел изврши масовни воздушни напади низ Либан против, како што тврди, локации на Хезболах од 23 септември, при што се убиени најмалку 1.351 лице, беа повредени над 3.800 и раселени повеќе од 1,2 милиони луѓе.

Воздушната кампања е ескалација од едногодишната прекугранична војна меѓу Израел и Хезболах од почетокот на неговата офанзива врз Појасот Газа, во која Израел уби над 42.000 луѓе, повеќето жени и деца, од нападот на Хамас минатата година.

И покрај меѓународните предупредувања дека Блискиот Исток е на работ на регионална војна среде немилосрдните напади на Израел врз Газа и Либан, тој го прошири конфликтот на 1 октомври со започнување копнен упад во јужен Либан.

TRT Balkan / агенции
Популарни