Израел во понеделникот призна дека неговото Министерство за разузнавање подготвило предлог, кој вклучува три алтернативи за повоената ситуација во Газа, вклучително и преселување на Палестинците на египетскиот Синајски Полуостров.
Израелскиот весник Харец објави дека документот, кој кружеше низ израелските медиуми, е датиран од 13. октомври, само шест дена откако палестинската група Хамас започна ненадеен прекуграничен напад што ја предизвика војната во Газа.
Документот вклучува три алтернативи по уништувањето на Хамас, а кои вклучуваат останување на жителите во Газа со враќање на палестинската управа во Појасот, останување на Плаестинците и воведување локална арапска власт или нивно преместување од Газа на Синајскиот Полуостров.
Документот укажува дека третата алтернатива би постигнала стратешки резултати, е остварлива и бара поддршка од САД и другите земји кои го поддржуваат Израел за да ги постигне своите цели.
Во него се додава дека првата и втората алтернатива имаат значителни недостатоци, особено во однос на нивните стратешки последици и нивната долгорочна изводливост, бидејќи ниту една од нив не би го обезбедила потребниот застрашувачки ефект.
„Израел првично би можел да го премести населението на Појасот во населби со шатори, за подоцна да следи изградба на градови и формирање на постојани заедници во северен Синај, како и недефиниран хуманитарен коридор“, се сугерира во документот.
И палестинскиот претседател Махмуд Абас и египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси во последниве недели жестоко ја отфрлија идејата за преселување на жителите на Газа на Синај.
САД јавно и приватно се спротивставија на ваквите планови. Американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека нема шанси такво нешто да се оствари по неговата посета на Израел веднаш по 7. октомври, велат од Харец.
Харец објави дека американскиот претседател Џо Бајден и Ал Сиси неодамна разговарале за „да се осигура дека Палестинците во Газа нема да бидат раселени во Египет или во која било друга нација“.
Израелскиот весник продолжи дека Министерството за разузнавање го потврдило постоењето на документот, но извор запознаен со неговото изготвување рече дека не се очекува кабинетот да расправа за предлогот и дека министерството не е владиниот субјект кој би бил одговорен за одлучување за такво нешто.
Харец истакна дека „извори во министерството ја минимизираа важноста на документот. Но, тоа е првичен доказ дека израелските владини претставници ги испитуваат стратегиите за излез откако ќе се постигне целта да стави крај на владеењето на Хамас во Газа“, додавајќи дека „документот признава дека преместувањето на населението во Газа нема да добие меѓународен легитимитет, но тврди дека ќе го намали бројот на жртви меѓу населението во Газа“.
Во врска со официјалниот став, весникот објави дека „Кабинетот на премиерот како одговор на овој напис соопшти дека ова е првичен документ од тој вид што може да се најде во десетици повторувања на сите нивоа на власта и безбедносните служби.
Прашањето за „ден потоа“ не е дискутирано на ниту еден официјален форум во Израел, кој сега е фокусиран на елиминирање на владините и воените способности на Хамас“.